Фабио Капело вели дека му се „гади“ од третманот кој од Милан го добиваат легендите на клубот Звонимир Бобан и Паоло Малдини, а исто така не му се допаѓа новата автобиографија на Џорџо Кјелини.
Во интервју за „Кориере дело спорт“, легендарниот тренер го почна разговорот инсистирајќи дека Јувентус ги освоија титулите во 2005 и 2006 на теренот и дека е неправедно што им се одземени по скандалот „Калчополи“.
„Лучано Моџи и Антонио Џираудо беа големи директори и ние освоивме две скудета на теренот. ’Калчополи’ ни ги зема титулите и ги даде на други“, вели 73-годишниот Капело.
Бобан и Малдини играа во Милан под Капело во 1990-тите, така што тој добро ги познава двајцата фудбалери, кои минатото лето беа поставени за директори во клубот. Бобан си замина во март откако сметаше дека му се работи „зад грб“ за потенцијалното ангажирање на германскиот тренер Ралф Рангник, а Малдини, според последните изјави исто така има многу забелешки за овој потег.
„Ми се гади од начинот на кој се третираат Бобан и Малдини. Како директори тие ја покажаа истата искреност како кога беа фудбалери. Јас би го направил истото како Бобан и воопшто не би размислувал двапати. Достоинството доаѓа пред сè друго“, додава Капело.
На крајот, легендата беше запрашана за новата автобиографија на Кјелини, која предизвика бура реакции во Италија поради личните напади над Мело и Балотели, како и директната изјава дека го „мрази“ Интер.
„И мене повеќе пати ми нудеа да пишувам книга и ми даваа убави суми. Но, не го направив тоа. За некои работи не треба да се чита. Фудбалот се игра, не се раскажува“, додава Капело.