Top Sport

Капело: Роналдо и кога не е во форма треба да се однесува како шампион

Кристијано Роналдо е медиумска тема на денот во Италија. Португалецот синоќешното дерби со Јувентус го заврши во 55 минута, а неговата замена Паоло Дибала во 77 минута го реши победникот.

Роналдо не е во форма, тоа покажува и статистиката, само шест гола на 14 натпревари сезонава, односно само еден гол на последните пет натпревари за Јувентус. Синоќа против Милан не упати ниту еден удар кон голот на Донарума.

Поради тоа Маурицио Сари, слично како и во средата против Локомотив го извади од игра. Лут поради замената Роналдо од теренот замина во соблекувалната, а три минути пред крајот на мечот го напуштил стадионот.

„Тој е голем шампион, тука нема никакви дилеми. Прв пат во последните три години некој решил да го извади од игра и тоа го боли. Во овој момент Роналдо не е во најдобра форма, нормално е дека работите се менуваат и за него. Сари мораше да биде многу храбар за да го замени Роналдо. Но Роналдо мора да биде шампион и во вакви моменти кога работите не одат во посакувана насока. Мора да ги почитува соиграчите“, рекол легендарниот италијански тренер Фабио Капело.

Тренерот Сари по мечот одлуката да го замени Роналдо ја образложи со наводната повреда. Истото објаснување го имаше и по мечот со Локомотив во Москва. Прашање е само доколку Роналдо има проблеми со коленото зошто тогаш е во тимот, бидејќи Сари ризикува неговиот најдобра играч да заработи и некој потешка повреда.

Scroll to Top