Зинедин Зидан сигурно ќе добиел отказ од Реал Мадрид ако не им донел трета титула во Лигата на шампионите во низа, вели поранешниот тренер на „Лос бланкос“, Фабио Капело. Зидан реши да се откаже додека е на врвот, и Капело вели дека тоа бил вистински потег.
„Тој ја направи најдобрата можна одлука со заминувањето бидејќи во Мадрид немаше добра атмосфера. Самиот знаеше дека ќе добие отказ ако не ја освоеше Лигата на шампиони. Тоа го знаеше веќе три месеци, така што одлуката е исправна. Со тоа што го освои тој е меѓу најголемите, но сега треба да се докаже на други места“, вели Капело за „Скај спортс“.
Капело исто така одговори на шпекулациите околу тоа кој ќе биде замена на Зидан во „кралскиот клуб“.
„Мислам дека може да дојде Гути, но ако не му дадат шанса тогаш ќе дојдат Антонио Конте или Маурицио Сари. Маурисио Почетино ја познава Шпанија, но мислам дека сака да биде во Лондон. Сепак, во Реал Мадрид секогаш имало контроверзи, а Флорентино Перез секогаш сакал да биде тренер. Кога ќе победи, тогаш е среќен, кога ќе загуби, тогаш некој друг е виновен. Јас победував, но ме отпуштија“, вели Капело, кој беше на чело на Реал двапати – во 1996/97 и во 2006/07.