Top Sport

Касано: Роналдо како Надал, Меси како Федерер

„Лошото момче“ на италијанскиот фудбал, Антонио Касано ги спореди Кристијано Роналдо со Рафаел Надал и Лионел Меси со Роџер Федерер, фалејќи ги двајцата најдобри фудбалери на светот, кои доминираат во последните десетина години.

Касано, кој е поврзуван со кам-бек на фудбалот со новиот италијански прволигаш Парма, е импресиониран од трансферот на Роналдо во Јувентус.

„Го сакам Меси не како противтежа на Кристијано, туку поради тоа што сметам дека е најдобриот на сите времиња и емоциите кои ми ги дава се уникатни. Ако сакате да ме убедите, покажете ми некој кој ракува со топката и кој е постојан пред голот како Меси. На Кристијано не му фали ништо, но тоа не е поентата. Јас го сакам тенисот и затоа ќе го споредам Кристијано со Надал, фантастичен спортист изграден на талент, но и на напорна работа и желба за успех. Меси е како Федерер. Чиста уметност и класа. Тие се различни, и можете да го преферирате едниот или другиот. Јас сум со Меси, бидејќи тој може да направи многу дури и да стои мирно. Затоа моето второ дете се вика Лионел“, вели Касано во интервју за италијанската верзија на магазинот „Венити фер“.

Сепак, Касано не штедеше зборови и за Роналдо.

„Роналдо го има подарокот на талентот од мајката природа, но успеа проади својот менталитет, професионализам и постојаноста на тренингот. Работи кои јас ги мразев. Го почитувам поради способноста да остане фокусиран. Тој ќе биде забележан во историјата како еден од великаните и целосно го заслужува успехот. Имав среќа да играм за Реал Мадрид кога тоа беше тим на ’галактикоси’ и знам како се работи таму. Реал е поголем од сите шампиони, така што не сум изненаден што го продадоа, бидејќи тоа го направија и со Дејвид Бекам, Роналдо и Раул. Ќе преживеат и без него. Кристијано ќе има одлично искуство во Јуве, бидејќи ќе добива одлична плата, а 100 милиони евра за таков играч е добра зделка. Да, тој има 33 години според изводот, но неговото тело е толку подготвено, што се граничи на манијакалност. Со ова ниво, тој може да дава 30-40 голови во Серија А“, додава Касано.

Scroll to Top