Top Sport

Каталонија независна, спортот останува шпански?

Каталонскиот парламент во петокот официјално прогласи Каталонска Република, независна држава. Што значи ова за спортот, за тимовите, за шпанските репрезентации?

Еднострано прогласената Каталонија не значи дека од утре нивните тимови ќе можат да се натпреваруваат каде што сакаат. Процесот ќе биде долг и неизвесен и многу работи ќе зависат од тоа дали некој ќе ја признае независноста на Каталонија.

Претседателот на Барселона, Јосеп Бартомеу веќе најави дека фудбалскиот гигант ќе продолжи да игра во шпанската Ла лига. Исто така, тешко е да се верува дека Ла лига ќе се реши за исклучување на Барселона, Еспањол, Џирона од своите редови. Така, да шпанската фудбалска лига е сигурна, барем до крајот на сезоната.

Законот за спорт во Шпанија не дозволува тимови од други нации да се натпреваруваат во различните шпански лиги, со исклучок на микро-државата, Андора.

Шансите наскоро да има можни каталонски репрезентации во тимските спортови се минимални, бидејќи репрезентациите ќе треба да добијат покана од интернационалните федерации (каде што Шпанија нормално е членка). Во фудбалот, тоа значи дека ФИФА и УЕФА треба да ги поканат Каталонците, но принципот во овие федерации е дека треба да има функционална независност (како во случајот на Косово) или историска традиција на одвоени тимови (Англија, Шкотска, Велс, Северна Ирска, но и Гибралтар).

Шпанскиот министер за спорт, Хозе Рамон Лете вели дека спортот е над политиката и дека декларацијата за независност нема да има никаков ефект.

„Ова не менува ништо. Се работи за фарса која нема влијание на спортот. Мораме да ги смириме сите спортисти и да им порачаме дека ќе продолжиме со нормалниот развој на сите натпреварувања во Шпанија и Каталонија. Законот за спорт ги штити сите клубови и сите спортисти, нормално и Каталонците“, изјави Лете.

Во исто време, претседателот на Џирона, Делфи Гели вели дека Реал Мадрид нема што да стравува за дуелот во каталонското градче во недела.

„Сигурно нема да се случи ништо. Реал Мадрид ќе бидат почитувани и добро пречекани. Сите сакаме добар ден за фудбал и тоа ќе се случи. Обезбедувањето е зголемено, но ист е случајот и кога играме со Барселона. Немаме вести за никакво откажување“, вели Гели.

Scroll to Top