Top Sport

Кавани: Имаме одлични односи со Нејмар

Единсон Кавани не планира да замине од Пари Сен-Жермен и сака да ја освои титулата од Лигата на шампиони со францускиот тим, инсистирајќи дека не постои проблем со својот бразилски колега Нејмар.

30-годишниот Кавани се „препороди“ во ПСЖ откако пристигна од Наполи во 2013 година, постигнувајќи 155 гола за да дојде на само еден гол од израмнувањето на рекордот на Златан Ибрахимовиќ, освојувајќи три национални титули.

Сепак, недостасува трофеј од Лигата на шампиони, и затоа ПСЖ потрошија огромни пари да го донесат Бразилецот Нејмар за 222 милиони евра и Килијан Мбапе за 180 милиони евра. Токму односите со Нејмар доминираа на насловните страници во Франција откако двајцата беа вклучени во расправија за тоа кој да изведува пенал при 2:0 победата над Лион во септември, но Уругваецот вели дека нема „лоша крв“.

„Имаме одлични односи со Нејмар. Двајцата сме многу професионални и нашата цел е да го кренеме клубот на повисоко ниво. Сите беа пресреќни кога дојде Нејмар бидејќи тој е голем фудбалер и е добар за тимот. Проблемот е што луѓето немаат вистински информации и има многу шпекулации“, вели Кавани во интервју за „Телеграф“.

Уругваецот е најдобар стрелец во Лига 1 со 19 голови оваа сезона, додека ПСЖ имаат 9 поени предност во зимската пауза. Покрај тоа, Кавани постигна шест гола во Лигата на шампионите, каде што ги чека вистински тест со Реал Мадрид во осминафиналето.

„Уживам во овој клуб, навистина го сакам. Би сакал да останам долго време, бидејќи во фудбалот тоа ретко се случува. Сакам успесите да ги направиме со ПСЖ. Во сите натпреварувања може да има само еден победник, но затоа сме меѓу најдобрите на светот“, додава Кавани.

Scroll to Top