Германскиот ветеран Сами Кедира потврди дека ќе побара заминување од Јувентус во јануари, најавувајќи можен трансфер кај Карло Анчелоти во Евертон.
Кедира нема ниту еден настап за „бјанконерите“ оваа сезона и беше изоставен од тимот за Лигата на шампионите, а има договор со клубот до јуни 2021.
„Отворен сум за нови предизвици. Во последно време не ми беше најдобро и сега сакам да играм фудбал, да се борам за три поени секоја недела. Имам уште многу сила и енергија, така што не ја чекам 2021 туку може да заминам во јануари“, вели Кедира во интервју со „Билд“.
Тој потврдува дека „Гудисон парк“ е можна дестинација.
„Со Карло Анчелоти честопати се слушаме на телефон, тој ја знае мојата ситуација. Можеби ќе испадне некој друг клуб, надвор од Англија. Но, би било одлично да сум во тим со млади фудбалери каде што би им дал дел од моето искуство“, додава Кедира.