Келн со втора победа едноподруго, овојпат со драматични 2:3 на гости кај Аугзбург, си ги зголеми шансите за опстанок во Бундеслигата, иако и по 31 меч остануваат во „опасната“ зона.
По минатонеделната шокантна победа над второпласираниот Лајпциг, „јарците“ започнаа фуриозно со водство од 0:3 по нешто повеќе од половина час игра. Чехот Ондреј Дуда беше херој за гостите – прво во осмата минута постигна гол за 0:1, потоа откако Флоријан Кајнц зголеми на 0:2 по долгата акција во 23. минута, десет минути подоцна вторпат се запиша во листата на стрелците. Аугзбург се обиде да се врати од оваа голема негатива – Роберт Гумни во 54. минута и Рубен Варгас во 62. минута намалија на 2:3, но до крајот гостите изддржаа за три поени.
Келн остануваат на 16. место на табелата со 29 поени, еден помалку од Арминија и Вердер пред нив, додека Аугзбург се 12. со 33 освоени поени. Шалке веќе е второлигаш со 13 поени на последното место, додека претпоследна е Херта со 26 поени, но и три натпревари помалку од Келн.