Top Sport

Керик: Во Манчестер јунајтед мора да се победува на одреден начин

Мајкл Керик, привремениот тренер на Манчестер јунајтед, вели дека принципите на клубот ќе продолжат кој и да дојде на позицијата на „Олд Трафорд“, зборувајќи за најавеното пристигнување на Ралф Рангник како менаџер до крајот на сезоната, и обидите да се добие Маурисио Почетино од ПСЖ на крајот на сезоната.

Керик, кој е играч и тренер во Јунајтед од 2006 година, најверојатно денеска последен пат ќе биде на клупата на дербито со Челси по отказот на Оле Гунар Солскјер. 63-годишниот Рангник ќе пристигне во Манчестер без искуство во Премиерлигата и со еден трофеј во кариерата (со Шалке во 2011).

„Клубот нема да се смени. Уште ќе биде Манчестер јунајтед, и има одредена ДНК која нема да се смени. Очекувањата и одговорностите се исти, да се игра возбудлив фудбал. Првата цел секогаш е да се победи, но во Јунајтед се победува на одреден начин. Ако ја погледнете нашата историја има многу различни менаџери и фудбалери со различни системи, но ‘рбетот на секој успешен тим е истиот. Како клуб свесни сме дека не сме на потребното ниво, и мора да работиме“, вели Керик.

Тој признава дека Манчестер сити, Ливерпул и Челси се далеку понапред, но дека е предвреме да се отпише сезоната.

„Не можеме да демантираме дека има разлика. Мораме да бидеме реални по последните резултати, но неодамна бевме втори во лигата и се подобрувавме. Потенцијалот е тука. Различно е да си слаб тим и да си тим со слаби резултати. Имаме лоша серија, но тоа не значи дека сме слаб тим. Има уште многу од сезоната. Кој вели дека оваа група фудбалери не може да влезе во добра серија?“, вели Керик.

Scroll to Top