Агентот на Сергеј Милинковиќ-Савиќ, Матеја Кежман ги демантираше вестите дека кажал дека српскиот фудбалер сака да замине од Лацио за да потпише договор со Манчестер јунајтед.
Ваква вест објавија повеќе италијански медиуми, а поранешниот напаѓач на Челси, Кежман вели дека се работи за „фејк њуз“.
„Тоа се лажни вести, не сум давал интервјуа во последно време. Некои новинари се неверојатни со своите измислици. Тоа е покажување на недостаток на респект кон мене, кон Лацио и секако, кон Сергеј“, вели Кежман.
Популарниот СМС честопати беше поврзуван со трансфер кај „ѓаволите“, но во минатото Лацио бараа над 100 милиони евра за негов трансфер. Милинковиќ-Савиќ пристигна на „Олимпико“ од Генк во 2015 за 12 милиони евра и има договор со клубот до 2024 година. Тој има 57 гола во 291 настап за римскиот клуб.