Капитенот на фудбалската репрезентација на Шпанија, Серхио Рамос, не се појавил на прес конференцијата во пресрет на натпреварот со Германија. Сепак, новинарите успеале да добијат одговор за она што се случуваше на дуелот со Швајцарија.
Шпанија и Швајцарија одиграа 1:1, во претпоследното коло, во Лигата на нации. На тој натпревар Серхио Рамос не успеа да реализира два удари од 11 метри.
„Да добиевме уште еден пенал, секако дека јас ќе го шутнев. Не би бил јас Серхио Рамос ако не би го направил тоа“, рекол капитенот на „црвената фурија“.
Фудбалерот на Реал Мадрид има одиграно 177 натпревари за националниот тим, со што е европски рекордер.
„Горд сум на тоа остварување. Кога почнувате немате идеја до каде можете да стигнете. Ќе играм за репрезентацијата додека можам“.
Рамос не сакал да говори за клупската кариера, односно за шпекулациите дека добил неверојатна понуда од ПСЖ.