Легендарниот дефанзивец на Јувентус, Џорџо Кјелини вели дека капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос е најдобриот централен бек на светот пред дуелот на двата гиганти во Лигата на шампионите.
„Бјанконерите“ утре ги пречекуваат европските шампиони, од кои загубија со 4:1 во минатогодишното финале, и ветеранот на Јуве во интервју за „Ел мундо“ имаше само пофални зборови за Рамос.
„Морате да учите од најдобрите. Јас никогаш го немав техничкиот квалитет или експлозивноста на Серхио Рамос. Тој е најдобриот централен бек на светот и знае како да игра во важните мечеви. Во Шпанија тука е и Жерард Пике, кој имаше среќа да игра покрај Карлес Пујол и да учи од него, а сега е врвен во партнерството со Самуел Умтити. Пујол беше неверојатен играч“, вели Кјелини.
Јуве загуби две финалиња од Лигата на шампиони последните години, но двапати загуби од шпански ривали – од Барса и од Реал.
„Кога има само еден меч е многу возбудливо. Никогаш не е убаво да загубиш финале, но убаво е да играш во едно. Оваа година веруваме дека можеме да направиме нешто исклучително, но Шпанците секогаш се силни. Ако му дадете шанса на Реал Мадрид, тие ќе ве каснат и ќе ве убијат“, додава Кјелини.