Поранешниот судија, Марк Клатенбург, открил детали од натпреварот помеѓу Челси и Тотенхем одигран во финишот на сезоната 2015/2016, по кој Лестер и теоретски ја обезбеди титулата во Премиер лигата.
Тотенхем ремизира со Челси 2:2, иако имаше водство од два гола, а во текот на натпреварот Клатенбург, иако можеше, не исклучи ниту еден играч на Тотенхем.
„Можев да исклучам тројца играчи на Тотенхем, но доколку го направев тоа, какви наслови во весниците ќе ме чекаа другиот ден? Ќе пишуваа дека Тотенхем ја загубил титулата поради Клатенбург. Тие на тој натпревар буквално се занимава со самодеструкција и Лестер ја освои титулата. Мислам дека и јас помогнав во тоа со начинот на кој судев“, изјавил Клатенбург за Би-би-си.
Лестер по тој меч стана сензационален шампион, а на крајот Арсенал заврши како втор, со 10 бода помалку од шампионот, додека Тотенхем таа сезона го освои третото место.
„Можеби некои колеги ќе го водеа натпреварот поинаку, но уште стојам на мислењето дека толкав број исклучени играчи само ќе беше сјајно оправдување за Тотенхем. Вака не можеа да бараат оправдувања. Мојот план за тој натпревар беше – пушти ги сами да ја загубат титулата. И тие токму тоа го направија“, дополнил еден од најдобрите англиски судии.
Марк Клатенбург беше судија во Премиер лигата од 2004 до февруари 2017 година кога го презеде раководното место во судиската организација на Саудиска Арбија.
Овој судија знакот на ФИФА го носеше од 2006 година, а минатата година го судеше финалето на Европското првенство и завршниот меч во Лигата на шампионите.