Контроверзниот поранешен судија од Премиер лигата, Марк Клатенбург открива дека се оддал на алкохолот во обид да ја намали тензијата пред големите мечеви.
Клатенбург беше еден од најценетите англиски судии пред минатата година сензационално да се повлече и да замине за Саудиска Арабија, велејќи дека не бил задоволен од тоа што секогаш бил во центарот на контроверзите по судирите со играчите и менаџерите.
„Вистинско олеснување е што не сум во Премиер лигата. Притисокот во мојата земја понекогаш е потежок од тоа да судиш интернационални натпревари. Тоа може да влијае на вашето семејство. На социјалните мрежи секогаш се пишува нешто и тоа влијае на твоите познати. Мислам дека повеќе судии ќе се решат да одат во странство. Во Премиер лигата постојано те критикуваат. Дали вреди да го трпиш тоа? Менаџерите никогаш не ти се извинуваат кога не се во право. Драмата на Премиер лигата е уникатна, но навистина не ми недостасува“, објаснува Клатенбург.
43-годишниот Англичанец вели дека секогаш кога било тешко, како кога беше обвинет за расизам против Џон Оби Микел во 2012 година, единствениот излез бил во пиењето.
„Како да ја опуштиш таа тензија пред големите натпревари? Ќе испиеш многу пиво! И се јавував на мојата сопруга по мечевите и таа по гласот знаеше дали имам добар или лош натпревар. Кога ќе стигнев дома, таа ќе спиеше, а фрижидерот ќе беше полн со пиво. Ако имав добар натпревар, тогаш ќе ме чекаше будна“, објаснува Клатенбург.