Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп не верува во искреноста на пофалбите кои ги доби од тренерот на Наполи, Карло Анчелоти, оценувајќи дека се работи за „тактика“ пред дуелот во среда во Италија.
Анчелоти го пофали Ливерпул како еден од најсилните клубови во Европа, посебно по убедливата победничка форма во Премиер лигата и 3:2 победата над Пари Сен-Жермен, но Клип вели дека Италијанецот си игра „ментални игри“.
„Ми се допаѓа Карло Анчелоти. Во Германија би кажале дека тој е умна лисица. Кажуваше многу позитивни работи за нас и за мене пред натпреварот. Тоа е убаво, но мислам дека е тактика. Карло е долго во фудбалот и ги знае сите детали. Ние сме подготвени за борба, не е важно што ќе каже некој за нас. Во Италија никогаш нема лесно гостување“, објаснува Клоп.
Ливерпул ги „растури“ Наполи со 5:0 во пријателски меч во август, но Клоп вели дека тој резултат не значи ништо.
„Тоа беше пријателска, ништо повеќе. Постигнавме гол со речиси секој удар. Воопшто нема врска“, вели Клоп.