Јирген Клоп со Ливерпул. Ханси Флик со Баерн Минхен. Томас Тухел со Челси. Три финалиња на Лигата на шампионите, три шампиони предводени од германски тренери.
Тухел го трансформираше Челси во неполни пет месеци на чело на клубот од „Стемфорд бриџ“, но тој е само еден од германските тренери кои прават „бум“ во Европа – Јулијан Нагелсман ќе го замени Флик во Баерн Минхен, Клоп го направи Ливерпул победнички тим, а Даниел Фарке ги врати Норич во Премиер лигата.
Дејвид Веб, поранешен спортски директор во Бурнемаут и Хадерсфилд, и човек со познавање на германскиот фудбалски систем, за „Скај спорт“ вели дека успехот на Германците не е случаен. Тој во 2008/09, својата обука ја поминал во Баер Леверкузен, и вели дека сретнал култура во која младите тренери се сметаат исто толку важни колку главните тренери.
„Тие освен што ги развиваат фудбалерите, го развиваат и другиот персонал – од тренерите, физиотерапевтите…Германските тренери на У-19 нивото се нарекуваат ‘елитни’ бидејќи ја сфаќаат својата работа сериозно. Многу германски тренери доаѓаат оттаму. Нагелсман почна во младинскиот состав на 1860 Минхен, Даниел Фарке беше спортски директор во третолигаш кога пристигна во Дортмунд да биде тренер на академијата. Идејата е дека можат да научат многу за кратко време и да станат тренери на првиот тим. Во исто време, мораат да продолжат да ги развиваат фудбалерите од првиот тим. Во Германија клубовите ја планираат иднината – прво гледаат дали имаат некој во својот тим, а потоа гледаат дали може да донесат некого од Германија или Австрија. Но, кого и да донесат, тој ќе има искуство и ќе биде подготвен за работа“, оценува Веб.