Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп нема да го смени напаѓачкиот стил на игра пред четврт-финалето од Лигата на шампионите против англиските ривали Манчестер сити и вели дека има тим кој може да биде „непријатен“ за тимот на Пеп Гвардиола.
Доминацијата на Сити во Премиер лигата, предизвика многу менаџери да ја менуваат својата тактика и стратегија, но само Ливерпул успеаја да ги победат во Премиер лигата со 4:3 триумф на „Енфилд“ во јануари и Клоп вели дека со сличен стил ќе игра и во првиот меч во среда.
„Начинот на кој ние го напаѓаме противникот, начинот на кој се браниме е навистина непријатен за противниците. Ако продолжиме така, тие ќе имаат мака со нас. Ќе биде возбудливо. Нема гаранција дека ќе функционира, бидејќи на крајот момците на теренот ќе го решат мечот“, вели Германецот.
Клучот за Ливерпул ќе биде напаѓачкото трио Мохамед Салах, Роберто Фирмино и Садио Мане – тројцата фудбалери кои постигнаа голови во победата во јануари. Клоп вели дека дефинитивно нема да се обиде со дефанзивна игра.
„Треба да направиме повеќе работи исправно отколку нашите противници, бидејќи не можеш едноставно да се браниш против Сити, бидејќи ќе ти дадат гол. Толку се добри“, вели Клоп.
Стратегијата на Клоп, таканаречена „гегенпресинг“, која ја „коваше“ во Борусија Дортмунд вклучува брзо навлегување во противничката половина кога тие ќе ја загубат топката и висока одбрана која ќе го ограничи просторот и ќе ги искористи бековите.
Од друга страна, тимовите на Гвардиола, почнувајќи со Барселона, завршувајќи со Сити, играат од задниот дел, работејќи брзо на топката во средината и користејќи го својот простор. Притисокот од напаѓачите и играчите од средниот ред на Ливерпул ќе ги тестира противниците, но Клоп вели дека методот е сличен.
„Во основа нема голема разлика. Пеп секогаш имал подобри тимови од мене, тоа е големата разлика. Можете да го забележите со Сити сега – тие имаат многу поени од нас. Но, разликата никогаш не била толку мала како сега. Кога беше тренер на Баерн, а јас на Дортмунд, разликата беше навистина огромна“, објаснува Клоп.
Тој исто така не верува дека Гвардиола е единствениот клуч за успехот на Сити, туку треба признание да се даде на играчите на тимот.
„Позиционата игра е важна, но не се работи за вештерство. Кога играчите се на позиција мораат да се движат во точност до милисекунда. Тука најважен е индивидуалниот квалитет на фудбалерите. Затоа Сити се таков тим“, додава Клоп.