Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп вели дека станал фан на новиот менаџер на Челси, Маурицио Сари, пред двојната програма против неговиот тим.
Ливерпул ги пречекуваат Челси на „Енфилд“ утре во третото коло на Лига купот, пред во сабота да има пресметка од Премиер лигата на „Стемфорд бриџ“. Ливерпул се на врвот во англиската лига со совршен скор, а Челси се веднаш зад нив со два поени заостанување откако минатиот викенд одиграа 0:0 со Вест хем.
По овој меч, Сари изјави дека ќе е потребно време да се стигне нивото на Ливерпул, но Клоп е воодушевен од стилот на игра на Италијанецот, кој во својата татковина влезе во речникот со поимот „саризмо“ за неговата фудбалска филозофија.
„Тоа е најголемата промена која сум ја видел за толку кратко време. Стилот е апсолутно различен. Каков менаџер е тој, тоа е неверојатно. Негов навивач сум откако го гледав со Наполи. Фантастичен фудбал и сега го повторува тоа со уморни фудбалери од Светското првенство. Секоја чест. Исто така е убаво да се гледа“, вели Клоп.