Top Sport

Клоп не го интересира Баерн: Имам долгогодишен договор со Ливерпул

Јирген Клоп демантираше дека е заинтересиран да стане тренер на Баерн Минхен, откако Франц Бекенбауер изјави дека Германецот е совршен за оваа позиција, посочувајќи дека има долгогодишен договор со Ливерпул.

Бекенбауер го нарече Клоп еден од најдобрите менаџери на светот и изрази надеж дека еден ден тој ќе седне на клупата на баварскиот гигант, но Клоп во интервју за германскиот весник „Билд“ потсети дека има договор до 2022 година.

„Ми се допаѓа Франц, а очигледно и јас му се допаѓам. Но, имам долгогодишен договор со Ливерпул. Но, секако, подобро е да се слушне тој да го каже тоа, отколку да каже дека не би можел да бидам тренер на Баерн. Во моментов, Баерн и Борусија Дортмунд имаат многу добри тренери. Што ќе биде за пет или повеќе години, не знам. Можеби ќе има некои други тренери кои се подобри“, вели Клоп.

Тој исто така не беше загрижен за шпекулациите дека Мохамед Салах, Садио Мане и Виргил ван Дајк ќе бидат привлечени од гламурот на Реал Мадрид и Барселона, кои наводно ги следат првите ѕвезди на новите европски шампиони.

„Мислам дека фудбалерите добро знаат дека играат за еден посебен клуб, така што воопшто не се грижам за тоа“, објаснува Германецот.

Scroll to Top