Напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах во интервју за шпански „АС“ пред неколку дена призна дека е незадоволен што против Митјиланд во Лигата на шампиони не му беше доделена капитенската лента, туку таа заврши на раката на Трент Александер-Арнолд.
Салах во таа прилика не ја одби можноста да заигра за Реал Мадрид или Барселона во иднина, што ги разлути навивачите на Ливерпул, а денеска целата ситуација ја коментираше и менаџерот, Јирген Клоп.
„Мо се чувствува добро, во одлична форма е. Тоа е најважното за мене. Немавме фотографии од вчерашниот тренинг, но ако имавме, ќе видевте многу насмевки на неговото лице. Сето останато е добро за вас медиумите затоа што мора за нешто да пишувате, но внатре во клубот, нема ништо“ – рече Клоп.
Составот на Клоп во недела го дочекува тимот на ВБА како лидер на премиерлигашката табела по 14 кола, но за Германецот тоа ништо не значи.
„Нема автоматски да станеме шампиони во мај ако сме водечки тим на Божик. Во најдобрата позиција сме, но не сме одиграле ниту половина од сезоната. Убаво е, но ништо повеќе од тоа. Пред 2 години бевме први на Божик, но на крајот не ја освоивме титулата, не поради недостаток на фокус, туку поради квалитетот на противникот“ – заклучи Клоп.