Top Sport

Клоп си ги „изеде зборовите“ – лани 100 милиони беа многу пари за еден играч

Фановите на Манчестер јунајтед веднаш го потсетија Јирген Клоп на контроверзните коментари кога ги даде при трансферот на Пол Погба (за 100 милиони фунти), откако „Црвените“ платија 75 милиони за дефанзивецот на Саутемптон, Виргил ван Дајк.

Менаџерот на Ливерпул, Клоп во јули 2016 по враќањето на Погба од Јувентус во Јунајтед изјави дека тој никогаш не би потрошил толку пари на еден играч.

„Така тие го разбираат фудбалот. Секогаш ги сакаш најдобрите, но тимот е најважен. Другите тимови можат да потрошат многу пари на еден играч, и кога ќе дадеш 100 милиони фунти и тој играч се повреди, тогаш имаш голем проблем“, изјави тогаш Клоп.

Сега, Германецот сакаше да ги смири и своите фанови откако потроши 100 милиони фунти на Ван Дајк и Алекс Окслејд-Чембрлен во само неколку месеци.

„Квалитет. Затоа го земавме, затоа бевме заинтересирани за него. Ние не ги правиме цените, пазарот ги прави. Навивачите на Ливерпул не треба да се загрижени за тоа, ние зборуваме само за играчите и тоа што тие можат да донесат“, објаснува сега Германецот.

Scroll to Top