Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп верува дека неговиот тим се бори за второто место во Премиер лигата, бидејќи иако уште е само декември, Манчестер сити веќе ја имаат обезбедено титулата.
Тимот на Сити има 11 поени предност на табелата по 16 победи во последните 17 натпревари со 52 гола. Клоп инсистира дека веќе нема борба за титулата, дури и за второпласираниот Јунајтед, бидејќи Сити нема ривали.
„Оваа сезона никој реално не се бори за таа титула. Не верувам дека ниту Јунајтед се во борба. Ќе се обидеме да бидеме поблиску до Сити, но ако нема некој драстичен пад во нивната форма, никој не може да ги стигне. Да се биде најдобар од останатите може да е цел“, вели Клоп.
Со две ремија во низа, Ливерпул падна на 5. место во Премиер лигата, со четири поени зад третопласираниот Челси и седум зад второпласиранот Манчестер јунајтед.
Клоп верува дека неговиот тим може да биде сличен со тимот на Борусија Дортмунд од 2012/13, кој заврши 25 поени зад Баерн Минхен, но за малку ќе ја освоеше титулата од Лигата на шампионите, откако загуби со 2:1 од Баерн на „Вембли“.
„Не можеме да го бркаме Сити, како што не можевме да го бркаме Баерн, но за малку ќе ги победевме во финалето на ЛШ. Затоа, сезоната не е завршена“, додава Клоп.