Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп вели дека не видел фудбалер како Филипе Кутињо од легендата на Јувентус, Алесандро дел Пјеро, очигледно заддржувајќи го високото мислење за Бразилецот и покрај тоа што тој по заминувањето од Англија во Барселона имаше кошмарна сезона и пол.
Кутињо ја почна европската кариера во Интер, но името го направи токму под Клоп во Ливерпул, пред трансферот во Барселона во јануари 2018 година. Сега, ова лето тој потпиша за Баерн Минхен, кои го донесоа на едногодишна позајмица со опција за откуп на договорот.
„Тој е доминантен фудбалер кој може да помогне во формирањето на еден тим. Секако, во Баерн ќе мора да се навикне и нема да биде доминантен веднаш, но тие сепак добиваат голем фудбалер. Со нас не играше толку многу на неговата омилена позиција на ’десетка’, бидејќи може да игра како ’осумка’ или како лево крило. Има неверојатно око за гол. Од времето на Алесандро дел Пјеро не сум видел некој кој може да дава голови од левата страна толку често. Ако во Баерн добро се грижат за него, ќе им биде многу вреден. Бундеслигата добива голем фудбалер“, вели Клоп во интервју за германскиот магазин „Кикер“.