Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, стратегот на Барселона, Ернесто Валверде, предводникот на Ајакс, Ерик Тен Хаг и кормиларот на Тотенхем, Маурисио Покетино се четворицата тренери кои со своите екипи се сеуште во игра за трофејот во Лигата на шампионите.
Која и екипа да го освои „пехарот со големите уши“ на 1 јуни годинава, нејзиниот тренер по првпат ќе се радува на титулата.
За Клоп, ако Ливерпул ја елиминира Барселона тоа ќе биде трета можноста за титула. Лани загуби од Реал Мадрид во финалето, а во 2013 година со Борусија Дортмунд загуби од Баерн Минхен. За разлика од него, Валверде, Тен Хаг и Покетино досега никогаш не предводеле екипа во финале.
Иста ваква ситуација се случи пред 15 години. Во тогашното полуфинале на ЛШ никој од четворицата тренери немаше титула. Полуфиналисти беа Порто со Жозе Мурињо, кој потоа и стана шампион на ЛШ и првпат во кариерата го подигна драгоцениот пехар, Депортиво Ла Коруња со стратегот Хавиер Ирурета, Монако на чие чело беше Дидие Дешамп и Челзи со предводникот, Италијанецот Клаудио Раниери.