Во светот на фудбалот во минатото не беше реткост одредени тимови да ангажираат според националноста или верската припадност. Тука се секако Селтик и Ренџерс во Шкотска, каде што за едните играа само католици (Селтик), а за другите само протестанти (Ренџерс), како и славниот пример на Атлетик Билбао, клубот кој никогаш не испаднал од првата шпанска лига и за кого играат само Баскијци.
Затоа, беше вистинско изненадување кога Атлетик на последниот ден од преодниот рок го потврдија репрезентативецот на Босна и Херцеговина, Кенан Кодро од данскиот Копенхаген и му дадоа договор до 2022 со откупна клаузула од 80 милиони евра.
Како Кодро е Баскиец? „Дупката“ во правилата е тоа што неговиот татко, фудбалерот Мехо Кодро играше за Реал Сосиедад во ближниот Сан Себастијан, каде што Кенан е роден.
25-годишниот Кодро беше дел од младинската школа на Сосиедад, а во кариерата играше и за Осасуна, Мајнц и Грасхоперс, пред да одигра пола сезона за Копенхаген, за кој постигна 6 гола во 19 меча.
Атлетик Билбао ќе се обиде да ја запази и другата традиција – да не испадне од Ла лига по лошата низа на резултати.