Top Sport

Која е разликата меѓу ФИФА Бест и „Балон д’ор“?

Вечерва во Лондон ќе се додели наградата за најдобар фудбалер на светот од страна на ФИФА, но многумина уште ја мешаат оваа награда со „Балон д’ор“ или „златната топка“, бидејќи двете награди до пред некое време беа обединети.

Бидејќи зад себе има историја од 62 години „златната топка“ која ја доделува францускиот магазин „Франс фудбал“ се смета за попрестижна и поважна награда во споредба со наградата на ФИФА. Златниот трофеј првпат беше доделен во 1956 година и првично беше именуван како најдобар фудбалер на Европа. Прв добитник беше Стенли Метјуз (Блекпул) победувајќи ги Алфредо ди Стефано и Рајмон Копа од Реал Мадрид, кои подоцна станаа добитници на наградата.

Јохан Кројф, Франц Бекенбауер, Мишел Платини, Боби Чарлтон, Џорџ Бест, Еузебио, Кевин Киган и Марко ван Бастен се некои од славните имиња со „златната топка“, но Пеле и Диего Марадона не беа на листата на добитници бидејќи до 1995 година наградата беше ограничена на европски фудбалери.

Во 2009 година, „Балон д’ор“ се „спои“ со наградата на ФИФА за најдобар фудбалер на годината, која ФИФА ја организираше од 1991 година. Наместо како дотогаш изборот да го прават новинарите, се презеде системот на ФИФА, броејќи ги гласовите на тренерите, капитените и одредените новинари од секоја членка на ФИФА.

По шест години заедно, „Балон д’ор“ и ФИФА се „разделија“, и бидејќи ФИФА остана без годишна награда, ги организираше Бест ФИФА наградите. Во 2016, „златната топка“ почна да се доделува во декември (како и секогаш), а ФИФА својата гала вечера за 2016 ја организираше во јануари 2017. Во обид да избегаат од сенката на „Франс фудбал“, од лани наградата се пресели во октомври, за оваа година да се пресели уште порано.

Scroll to Top