Плејмејкерот на Атлетико Мадрид, Коке вели дека едвај го чека судирот со својот поранешен соиграч и колега од шпанската репрезентација Родри кога утре ќе се судрат во четврт-финалето од Лигата на шампионите, порачувајќи му дека немале толку тежок противник како „рохибланкос“.
„Секако дека разговаравме. Зборувавме и кога бевме со шпанската репрезентација. Тој призна дека ќе биде тежок меч, но ми кажа: ‘Имаме во Премиерлигата многу такви мечеви’. Јас му вратив: ‘Да, ама Атлети не е во Премиерлигата’. За предупредување. Знам дека ќе му биде чудно пак да игра на ‘Ванда Метрополитано’ бидејќи многу го сака Атлетико. Му кажав дека сигурно ќе победиме бидејќи знае точно каков клуб се Атлетико“, вели Коке.
Атлетико ќе се обиде во втор двомеч со клуб од Манчестер да излезе како победник, откако славеа на „Олд Трафорд“ кај Манчестер јунајтед во вториот меч од осминафиналето.