Top Sport

Компани: Да играш под Гвардиола е како да одиш на универзитет

Винсен Компани вели дека шансата да се работи под Пеп Гвардиола во Манчестер сити е како да учиш на фудбалски универзитет поради тоталната подготовка која Каталонецот ја прави за секој меч.

Гвардиола ја освои првата титула со „граѓаните“ по 18 месеци во Сити со 3:0 победа над Арсенал во Карабао купот во неделата, а речиси обезбедена им е и титулата во Премиер лигата. Белгискиот ветеран Компани, кој дипломираше бизнис администрација во Манчестер во декември, вели дека истражувањето кое Гвардиола го прави секој меч е неверојатно.

„Мислам дека најдобриот начин на кој можеме да го опишеме Пеп е интензивен и безмилосен. Никогаш нема задоволство и денеска во понеделник се враќаме на работата. Не е важно дали се работи за Виган, за Арсенал, или за било кој друг, тој има знаење за сите и го споделува со нас и јасно ја кажува неговата порака. Секогаш чувствуваме дека имаме предност пред другите само бидејќи тој е прецизен со информациите. Да работиш со него е како да студираш 10 години. Јас го споредувам со одење на универзитет, бидејќи тоа е нивото. Не престануваме да учиме“, вели Компани.

Scroll to Top