Винсен Компани вели дека не е вистинскиот човек да го замени Пеп Гвардиола како менаџер на Манчестер сити, велејќи дека е фокусиран на работата со Барнли и додавајќи дека е на почетокот на својата тренерска кариера.
Компани, кој е поранешен капитен на Сити, во својата прва сезона со Барнли ги крена на првото место во Чемпионшип со 10 поени предност, и ќе се врати на „Етихад“ кога Барнли ќе игра со Сити во четврт-финалето на ФА купот. Неодамна, Гвардиола порача дека Компани во иднина сигурно ќе биде менаџер на Сити, но Белгиецот е повнимателен.
„Мислам дека Сити секогаш треба да го има најдобриот менаџер на светот, а тоа не сум јас. Затоа, мојот фокус е да го направам Барнли подобар клуб. Тие го имаат најдобриот менаџер на светот и се надевам дека ќе остане уште 10 години. Ако тоа не се случи, тогаш ќе ги најдат најдобрите по Пеп. Јас сум далеку подолу на таа листа“, вели Компани.