Антонио Конте признава дека постои дополнителен притисок на позицијата менаџер на Челси поради „обичајот“ бргу да се менуваат тренерите, но вели дека планира да го исполни договорот со англискиот клуб до 2019 година.
Во вторникот навечер, Челси одигра 1:1 со Барселона на „Стемфорд бриџ“ во осминафиналето на Лигата на шампиони, каде што настапуваат како актуелни англиски шампиони со титула освоена во првата година на работата на Конте. Во интервју со италијанската ТВ „Медиасет“, Конте призна дека неговата работа не е сигурна.
„Тоа доаѓа и со историјата на Челси, така што прашањата се неизбежни. Во последните 14 години имаше 10 промени на менаџери. Јасно е дека има таков ’обичај’ со наводници, и печатот постојано зборува за тоа кога нема резултати. Постои голем притисок тука. За Челси се пишува многу и тоа не ми е проблем и се надевам само дека моите играчи немаат притисок, додека јас уживам во таква ситуација“, вели Конте.
Тој е едно од најзвучните имиња кои се споменуваат за позицијата нов италијански селектор, која е испразнета по оставката на Џампјеро Вентура по неуспехот Италија да се пласира на СП во Русија.
„Јасно посочив дека имам договор до 2019 година и планирам да го испочитувам. Како и во брак, двете страни треба да се среќни, но во нашата професија куферите секогаш се подготвени. Намерата, сепак, е да се остане тука“, додава Италијанецот.