Top Sport

Коронавирусот го одложи малото лондонско дерби Тотенхем – Фулам

Попладнево се официјализираше она што се „шушкаше“ уште од вчера – раководството на Премиерлигата одложи уште еден натпревар, малото градско дерби на Лондон, Тотенхем – Фулам кое требаше да започне во 19 часот.

Иако уште од синоќа беше познато дека во редовите на клубот од „Кревеин Котиџ“ има фудбалери позитивни на коронавирусот, одлуката за одложување на мечот беше донесена попладнево. На доцната одлука примедба имаше и менаџерот на Спарси, Жозе Мурињо.

„Треба да играме во седум, а никој не ни кажува дали мечот ќе ни биде одложен. Најдобрата лига во светот“ – се пожали Мурињо.

Поради истите причини, пред некој ден во последен ден се одложи и мечот Манчестер Сити – Евертон, натпревар од ова коло, а на 4. декември беше одложен и мечот меѓу Њукасл и Астон Вила.

Денеска во Премиерлигата на програмата останува да се одигра само еден меч, од 21 часот Њукасл ќе го нагости шампионот во Англија, Ливерпул кој во моментов е лидер на табелата со 2 бода предност пред Манчестер Јунајтед.

Scroll to Top