Фудбалската репрезентација на Косово го ангажираше Швајцарецот Бернар Шаланд како нов селектор на нивната фудбалска репрезентација.
66-годишниот Шаланд доаѓа на Косово од тимот на Базел, каде што повеќе години работеше како скаут, но во кариерата работеше со повеќе швајцарски екипи како Цирих, Сион, Ксамакс, Јанг Бојс, а од 2014 до 2015 година беше селектор на Ерменија.
Косово досега го водеше Алберт Буњаки, кој си замина по слабите први квалификации за Светското првенство во Русија.
„Ви благодарам на довербата, а за мене е предизвик да ја водам најмладата репрезентација до нови успеси. Мораме да го изградиме тимот и да бидеме обединети“, изјави Шаланд.
Претседателот на Косовскиот фудбалски сојуз, Фадиљ Вокри е задоволен од ангажирањето на Шаланд, кој ќе дебитира на пријателските мечеви со Мадагаскар и Буркина Фасо на крајот на месецот. Косово во Лигата на нации е во група со Малта, Азербејџан и Фарските Острови.
„Шаланд доаѓа од земја во која играат многу косовски фудбалери и има доволно искуство да го изгради и подмлади тимот“, вели Вокри.
Фото: ЕПА