Top Sport

Косово со убедлива победа над Албанија (видео)

Косово стигна до убедлива 3:0 победа со Албанија, во пријателски меч во Цирих, Швајцарија, кој помина во сенка на дискусијата околу борбата на двете репрезентации да ги убедат младите таленти со албански корени да играат за нив.

Арбер Зенели од Херенвен постигна два гола, а младиот талент на белгиски Генк, Едон Жегрова додаде уште еден гол за убедлива победа на тимот на селекторот на Косово, Швајцарецот Бернар Шаланд. Тој претходно изјави дека натпреварувањето со албанската репрезентација и нивниот селектор Кристијан Панучи претставува голем проблем за него.

„Тоа го знам јас, а го знае и Панучи. Двајцата се обидуваме да убедиме добри фудбалери да играат за нас. За мене како косовски селектор, важно е да можам со нешто да ги убедам да играат за Косово, а не за Албанија, посебно за тие кои се родени во Швајцарија. Панучи и албанската федерација го прават истото“, вели Шаланд.

Швајцарскиот национален тим има неколку клучни играчи со косовско-албанско потекло, а дел од тие кои немаат настапи за Швајцарија честопати се двоумат за кого да настапуваат. Браќата Џака на пример се уникатни – помладиот Гранит Џака од Арсенал игра за Швајцарија, а постариот Гранит Џака игра за Базел и за албанската репрезентација.

Во август 2016, кога Косово беше примено како член на ФИФА, тројца играчи со косовски корени од албанската се преселија во косовската репрезентација, меѓу кои најпознат е  фудбалерот од средниот ред на Вердер, Милот Рашица.

Фото: ЕПА

Scroll to Top