Иако дел од шпанските медиуми уште го поврзуваат Роберт Левандовски со трансфер во Реал Мадрид, тој самиот прифатил дека Баерн Минхен не го пушта вели неговиот нов тренер, Нико Ковач.
29-годишниот Левандовски наводно има желба да замине од Баерн од крајот на минатата сезона, кога неговиот агент откри дека му е потребен „нов предизвик во кариерата“, а Ханс-Јоаким Вацке изјави дека тие би платиле 100 милиони евра да го вратат во Борусија Дортмунд. Ковач вели дека на Полјакот му е јасно дека ќе остане во Баварија.
„Разговарав со Роберт минатата недела и тој знае многу добро што мислам за него. Целиот клуб ги цени неговите квалитети и за нас тој е еден од тројцата најдобри напаѓачи на светот. Нема да го предадеме и Роберт го прифати тоа“, вели Ковач за „Спорт билд“.
Левандовски дојде како слободен играч во Баварија во 2014 година, и оттогаш има 151 голови во 195 натпревари за Баерн.