На кризата во Реал Мадрид ѝ нема крај, а позицијата на Зинедин Зидан станува сè понезадржлива откако „малиот сосед“ Леганес успеа да ги исфрли од четврт-финалето во Копа дел Реј со шокантна 1:2 победа на полупразниот „Сантијаго Бернабеу“.
Реал и во првиот меч се „мачеше“ против Леганес, откако Марко Асенсио постигна гол во финишот на мечот, и фановите на „Лос бланкос“ дефинитивно очекуваа многу повеќе на својот стадион против клубот кој е само на 13. место во Ла лига.
Шок за навивачите беше фантастичниот гол на Хави Ерасо во 31. минута од мечот, меѓутоа кога Карим Бензема, кој беше на „мета“ на навивачите на Реал, израмни на 47. минута, патот на Реал кон финалето беше на хоризонтот. Сепак, Габриел со гол со глава во 55. минута го постави конечниот резултат.
Без Герет Бејл и Кристијано Роналдо во составот, Зидан немаше многу опции во нападот, и сите обиди беа залудни, за на крајот тимот да биде „почестен“ со свирежи од своите најверни навивачи.