Годината која полека изминува е една од најуспешните во кариерата на Кристијано Роналдо. Португалецот со Реал освои пет трофеи, избори пласман со репрезентацијата на Светското првенство во Русија, петти пат во кариерата ја освои „Златната топка“ за најдобар играч во светот, а пред три дена беше прогласен и за најдобар спортист во Европа.
Кристијано Роналдо во 2009 година од Манчестер јунајтед се пресели на „Сантијаго Бернабеу“, а во едно интервју открил зошто кога заминувал од својот матичен клуб Спортинг ги одбил Јувентус и Реал и потпишал за Манчестер јунајтед.
„Многу клубови беа заинтересирани, но клучен човек беше Жорж Мендеш. Секогаш ме водеше по вистинскиот пат. Се сеќавам ми зборуваше за Јувентус, а јас бев среќен бидејќи тоа е одличен клуб. Го спомна и Реал Мадрид, потоа Манчестер јунајтед и уште неколку други клубови. Сепак, тогаш најдобри услови ми понуди Манчестер јунајтед. Тоа за мене беше како сон, бидејќи уште како дете сакав да играм во Премиер лигата. Јунајтед ми го овозможи тоа, а најмногу сум му благодарен на Алекс Фергусон и секако на Мендеш, кој ми помогна да одам таму“, открил најдобриот светски фудбалер.