Рускиот милијардер, Алишар Усманов, изјавил дека своите 30 отсто од акциите што ги поседува во Арсенал, ќе му ги продаде на Стен Кронке кој е мнозински сопственик на акциите во лондонскиот клуб.
„Решив на Кронке да му ги продадам своите акции во Арсенал, клуб што може да биде најдобар во светот“, рекол Усманов.
Кронке, во моментов поседува 67 отсто од акциите, тој сака да стане единствен сопственик, поради што на останатите акционери им испратил понуди за купување на нивните акции.
Најголем дел од акциите ги поседува токму Усманов и за неговите 30 отсто Американецот треба да издвои 550 милиони фунти. Кога ќе ги добие акциите што ги поседува Русинот, Кронке ќе треба да откупи уште три отсто за во целост да ја преземе контролата врз клубот.
Американскиот милијардер веќе е сопственик на НФЛ тимот ЛА Ремс и на НБА франшизата Денвер Нагетс. Во Арсенал е од 2007 година кога стана мнозински сопственик.