Top Sport

Крос: Ливерпул ќе играат како 11 животни

Играчот од  средниот ред на Реал Мадрид, Германецот Тони Крос вели дека ќе бидат подготвени за „11-те животни“ кои ги чекаат во финалето на ЛШ против Ливерпул во Киев.

Крос добро го познава тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп со кого се сретнуваа во Бундеслигата, кога Клоп беше прв човек на Борусија Дортмунд, а Крос играше во Баерн Минхен. Во тие денови Дортмунд честопати беше подобар од Баерн.

„Кога игравме против неговиот тим беше многу тешко. Во Баерн секогаш имавме многу проблеми против Дортмунд. Затоа очекувам агресивен Ливерпул со брза напаѓачка линија, но верувам дека ќе ги сопреме. Неговите тимови секогаш се агресивни, и вршат притисок 90 минути. Многу се мотивирани. Ќе бидат како 11 животни, подготвени за акција. Ние можеби сме подобри на топка, но тие ќе не постават под притисок, тоа е сигурно“, вели Крос.

Исто како неговиот менаџер Зинедин Зидан, Германецот го отфрла тврдењето дека Ливерпул се „погладни“ за титула.

„Мислам дека двата тима се гладни и не гледам фаворит. Да се стигне до финалето на ЛШ мораш да бидеш добар тим. Ливерпул ги победи Манчестер сити, еден од најголемите фаворити. Но, не се погладни од нас.  Без гладен тим не ги поминуваш Париз, Јувентус и Баерн“, вели Крос.

Фото: ЕПА

Scroll to Top