Дуелот од 13. коло во италијанската Серија А меѓу Болоња и Парма заврши нерешено 2:2, а клучни играчи за двата тима беа двајца несудени македонски репрезентативци – Дејан Кулушевски и Блерим Џемаили.
Кулушевски, кој неодамна го имаше своето деби за шведската репрезентација, уништувајќи ги надежите дека ќе се премисли и ќе заигра за Македонија постигна фантастичен гол во 17. минута за да донесе водство на гостите. Кулушевски има 3 гола и 5 асистенции оваа сезона во Серија А, зголемувајќи го интересот на големите тимови, вклучувајќи го и Јувентус.
Болоња, успеа да израмни преку Паласио во 40. минута, пред Симоне Јакопони повторно да им донесе предност на Парма во 71. минута. Кога се мислеше дека мечот е завршен, Блерим Џемаили, кој настапува за швајцарската репрезентација иако е роден во Тетово, во 95. минута донесе поен за тимот на Синиша Михајловиќ.