Роналд Куман вчера беше промовиран во шеф на стручниот штаб на Барселона. Холанѓанецот ќе треба најпрвин да го реконструира тимот кој сезонава не освои ниту еден трофеј. Во Барселона е најавен како спасител меѓутоа легендите на Валенсија имаа поинакво мислење за него.
Куман ја презеде Валенсија во 2007 година, го освои трофејот во Купот на Кралот, потоа заврши на последното место во групата во Лигата на шампионите поради што по шест месеци доби отказ.
Куман со Валенсија забележал само 11 победи на 34 натпревар како тренер.
„За само пет месеци уништи тим кој можеше да биде сјаен. Покрај тоа што се докажа како лош тренер, тој се покажа и како лош човек. на него се сеќавам како на човек кој на никого в лице не му кажуваше што мисли. Кога доби отказ не се поздрави со играчите, а тоа секогаш го прават тренерите во сите клубови, дури и во младинските категории. Единствено му беше важно за вечера да има барем пет шишиња квалитетно вино“, рекол легендарниот Хоакин Санчез, кој се уште е активен играч во Бетис.
„Дојде да ја поправи ситуацијата, атмосферата во тимот малку беше нарушена. Наместо тоа тој се уништи“, рекол поранешниот голман на репрезентацијата на шпанија Сантијаго Кањизарес.
„Најдобро игравме и освојувавме трофеи во формациите 4-4-2 и 4-4-1-1, значи формации со крилни играчи. Куман кога дојде целосно ја смени тактиката. И покрај тоа што промената не донесе резултати тој инсистираше на неговата формација. Беше тежок човек, сакаше да се расправа со сите. Ми олесни кога замина“, изјавил Винсенте Родригез кој повеќе од една деценија играше за Валенсија.
Еден од симболите на Валенсија од почетокот на овој век Давид Албелда се огласил на „Твитер“.
„Не можам да поверувам но читам дека сериозно размислуваат да го донесат Куман во Барселона. Се надевам дека некогаш и јас ќе добијам шанса да ја водам Барса, лигата би била интересна“.