Патрик Кутроне вели дека е благодарен на Милан, но објаснува дека бил продаден во Вулверхемптон бидејќи во Италија повеќе ги сакаат странските фудбалери.
Кутроне беше 12 години во својот матичен клуб Милан, но тие се решија да го продадат на Вулверхемптон за 22 милиони евра, каде што потпиша четиригодишен договор. 21-годишниот Кутроне помина низ младинската школа на „росонерите“ и имаше 18 гола во фантастичната сезона 2017/18, но лани не ги исполни очекувањата.
Неговото место го зазеде 20-годишниот Португалец Рафаел Лео, и Кутроне мисли дека заедно со трансферот на Моисе Кин од Јувентус во Евертон е сосема јасно како функционираат работите во Серија А.
„Јас и Кин на крајот завршивме во Премиер лигата. Секогаш е истата приказна – странците се пред нас. Ние со по дваесетина години се селиме во Англија и тоа е чудно. Секогаш ќе бидам благодарен на тоа што ми го даде Милан, но тоа е реалноста“, вели Кутроне за „Газета дело спорт.
Тој ќе се врати во Италија оваа недела бидејќи Вулверхемптон игра со Торино во баражот за пласман во Лига Европа.
„Првиот впечаток со ’волците’ е одличен. Примен сум одлично и веќе најдов куќа бидејќи не сакав да живеам во хотел. Ќе биде тешко против Торино, кои се сличен тим како нас – страствени навивачи, карактер, гордост“, објаснува Кутроне.