Иако вчера беше објавено дека Лео Меси се договорил со Барселона за петгодишно продолжување на договорот со драстично помала плата (дури 50 отсто), шпанската Ла лига не планира да попушти на Барселона околу регистрацијата на договорите со надминување на одредениот буџет на клубот.
Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта јасно побара „попустливост“ од лигата.
„Сакаме повеќе флексибилност во Лигата за да можеме да донесеме повеќе засилувања. Преговорите со Лео се на добар пат, со малку проблеми за надминување“, изјави Лапорта.
Сепак, првиот човек на Ла лига, Хавиер Тебас не планира да попушти, и покрај тоа што финансискиот хаос во кој се наоѓа каталонскиот клуб е дело на минатата управа на клубот. Од лигата директно кажаа дека за да се исполнат желбите на клубот мора да се сменат правилата, а правилата ги одредуваат само клубовите преку Системот за економска контрола. Под овие правила Елче и Мурсија отидоа во банкрот.