Top Sport

Лацио има и странски навивачи, како Јирген Клоп!

Фантастичната сезона на Лацио под водство на Симоне Инзаги придонесе римскиот клуб повторно да добие симпатизери и надвор од Италија, од кои еден е и тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп.

Лацио има низа од 19 меча без пораз во Серија А, а по вчерашната 2:1 победа над Интер е на само еден поен од лидерот Јувентус. Клоп ја следи лигата – откако беше запрашан што мисли кој ќе ја освои титулата, Јувентус или Интер, тој даде јасен одговор.

„Навивам за Лацио во борбата за титулата. Таму имаме еден поранешен фудбалер на Ливерпул во трката за титулата, Лукас Леива. Чиро Имобиле исто така ми беше фудбалер додека бев во Борусија Дортмунд. Жал ми е за Маурицио Сари и Антонио Конте, но мислам дека Лацио ќе продолжи со изненадувањата. Сезоната им е неверојатна“, вели Клоп во интервју за „Раи“.

Ова не е првпат Клоп да го симпатизира Лацио и обратно – во 2018 година, навивачите на римскиот клуб му подарија дрес на „орлите“ откако Ливерпул ја елиминираше Рома од Лигата на шампионите.

Scroll to Top