Френк Лампард не остана „покус“ и му врати на својот стар тренер Жозе Мурињо, кој ги критикуваше младите фудбалери на Челси при тешкиот 4:0 пораз на гости кај Манчестер јунајтед.
Мурињо, кој сега работи како коментатор на „Скај спортс“ беше разочаран од изборот на фудбалерите на Лампард и ги посочи Мејсон Маунт, Теми Абрахам и Андреас Кристенсен како посебно разочарувачки.
„Моето чувство е дека мораа да играат со повеќе поискусни фудбалери. Маркос Алонсо беше на клупата, Н’Голо Канте исто така, како и Оливие Жиру. Да се дојде на ’Олд Трафорд’, иако ова не е Манчестер јунајтед од кого се плашеа луѓето, сепак е Манчестер јунајтед. Малку искуство немаше да штети. Гледајте го Мејсон Маунт, Теми Абрахам, дури и Кристенсен. Потребно е нешто повеќе“, изјави Мурињо.
Лампард реагираше бесно на овие коментари.
„Не му се допаѓаа перформансите на Мејсон Маунт? Тој рече Мејсон Маунт? Не можам да бидам загрижен што велат другите, но јасно е дека ова е тимот кој го имам и во кој морам да верувам“, изјави Лампард.