Top Sport

Лампард е храбар: Левандовски воопшто не ме загрижува!

Менаџерот на Челси, Френк Лампард вели дека не е загрижен од заканата од напаѓачот на Баерн Минхен, Роберт Левандовски пред дуелот во осминафиналето на Лигата на шампионите на „Стемфорд бриџ“ во вторник.

Баерн влегуваат во мечот како тим со најмногу постигнати голови во натпреварувањето, дури 24, од кои седум се од претходното гостување во Лондон, кога со 7:2 ги победија Тотенхем. Левандовски пак, има 10 гола во ЛШ, со што е израмнет со Ерлинг Халанд од Борусија Дортмунд (кој осум од головите постигна со претходниот тим Салцбург).

Полјакот постигна голови во првите пет меча од групната фаза, а четирите гола кои им ги даде на Црвена звезда во ноември беа за рекордни 16 минути. 31-годишниот Лева е петти на вечната листа по бројот на голови во ЛШ со 63, зад Роналдо, Меси, Раул и Бензема.

„Тоа не ме загрижува. Тој е постојан со години, неговите бројки кажуваат доволно. Сум гледал доста натпревари на Баерн и тој секогаш блеска, но тие имаат и други закани. Нивото оди нагоре од групната фаза, така што мораме да сме подготвени за тоа. Тие секоја година можат да ја освојат ЛШ, но можеме и ние“, вели Лампард.

Scroll to Top