Френк Лампард му порачал на Бразилецот Вилијан да ја искористи кратката зимска пауза во Премиер лигата да се „среди“ откако тој минатата недела беше исфрлен од тимот при 2:2 ремито со Лестер поради „лошо однесување“.
Лампард реши да го внесе Педро во тимот, а според „Сан“ тоа се случило бидејќи Вилијан бил депресивен откако во јануари не успеа да издејствува трансфер во Барселона. 31-годишниот Вилијан не се покажал на тренингот пред дуелот со „лисиците“ и Лампард решил дека нема шанси тој да игра.
Договорот на Вилијан со Челси завршува во текот на летото и тој одбива да потпише нов договор, така што Барселона, ако уште е заинтересирана, ќе може да го донесе со слободен трансфер.
И покрај оваа несигурност, досега Вилијан беше постојан на „Стемфорд бриџ“ – стартуваше 19 од 25 меча во Премиер лигата, а најдобар момент му беа двата гола против Тотенхем во декември. Вилијан пристигна во Лондон од Анжи Махачкала во 2013 година за 30 милиони фунти и оттогаш има 323 настапи за „сините“.