Новата биографија на Жан-Франсоа Ларио „Играјќи со огнот“, најдобриот француски фудбалер за 1980 година и човек кој имаше прекар „Турбо“, носи нови шокантни признанија за допингување со амфетамини.
61-годишниот Ларио, ѕвезда на тогаш моќниот тим на Сент Етјен, признава дека за малку ќе екплодирал откако добивал инјекции Каптагон пред големите натпревари.
„Дрогата ми го уништи мозокот, така што да знаев што ми прави Каптагонот, ќе ги исечев рацете да не го земам“, вели Ларио.
Ларио беше најпознат како играч на Сент Етјен, тогаш покрај националната икона, а потоа претседател на УЕФА, Мишел Платини. Како најдобар француски тим, тие загубија во финалето на Купот на Европа од Баерн Минхен во 1975 година и се сметаа за еден од најдобрите состави во Европа покрај Ајакс и Реал Мадрид.
Ларио објаснува дека медицинските лица во тимот им давале амфетамини и други средства пред важните натпревари, но тој тврди дека другите биле подобри на ова поле.
„Холанѓаните и Германците беа супериорни во тоа време. Тие имаа нешто поинаку, некој коктел кој ние го немавме“, пишува Ларио.
Кога германскиот голман Тони Шумахер зборуваше за претерувањето со допингот во својата биографија во 1986 година, Германската фудбалска федерација го исфрли од тимот, и тој се пресели од Келн во Турција. Ларио додава дека е наивно да се смета дека големиот Ајакс со „Јохан Кројф и неговата банда“ станале трикратни европски шампиони без помош, посочувајќи дека Џони Реп му бил колега во Сент Етјен и Бастија.
На ова се надоврзува „анегдотата“од Хрватска, поточно од тимот на Хајдук и нивниот меч од второто коло во Купот на шампиони во 1974 година. Хајдук првиот меч го доби со 4:1, пред во Франција да загуби во неверојатен меч со 5:1. Во тој натпревар прво снема струја, па кога продолжи натпреварот, играчите на Хајдук тврдеа дека очите на играчите на Сент Етјен биле „големи како грамофонски плочи“
„Не можам да тврдам дека биле дрогирани, но мислам дека е така. Тоа индиректно ми го потврди и Иван Чурковиќ, кој тогаш бранеше за нив“, вели Јурица Јерковиќ, стрелец на два гола на првиот меч.
Ларио е познат и по друг „инцидент“. На Светското првенство во 1982 година во Шпанија, Французите имаа лош старт и загубија од Англија во првото коло, и првото оправдување беше дека тимот претерал со тренинзите на Пиринеите. Меѓутоа, француските медиуми потоа открија дека Ларио имал афера со сопругата на капитенот, Мишел Платини, Кристел, по што тој беше исфрлен од тимот, а Франција без него стигна до полуфиналето.
„Тоа е приказна за Адам и Ева, за првиот грев. Но, беше љубов на прв поглед, вистинска љубовна приказна. Мислевме дека добро се криевме, но… Со Платини веќе не зборувавме, но игравме заедно. На крајот, таа преку телефон ми кажа дека повеќе нема да се гледаме. Морав да го прифатам тоа“, вели Ларио.