Пред големата пресметка во осминафиналето на Лигата на шампионите со Реал Мадрид, во тимот на Пари Сен-Жермен нешто не функционира, барем така тврди угледниот француски весник „Л’Екип“.
На насловната страна на петочното издание стои зборот „зизани“, што би значело немир или мешаница.
Според весникот, постои битка меѓу два јужноамерикански „кампа“ во тимот – бразилската група, предводена од капитенот Тијаго Силва и засилена со Дани Алвеш и Нејмар, контра аргентинско-уругвајската група, предводена од Единсон Кавани.
Проблемот започнал кога Кавани и Хавиер Пасторе доцна се вратиле од божиќните празници, што не било добро прифатено од капитенот Силва.
„Во важен момент за клубот треба сите да бидеме заедно и да не правиме работи кои штетат на клубот. Не е добро за сите, но има разлика меѓу Пасторе и Кавани. Пасторе сака да си замине, додека Кавани е поинаков“, изјави Силва.
Кавани не одговори на ова, но Пасторе реши да одговори и на Твитер.
„Никогаш не сум зборувал со Тијаго Силва за проблемите и за мојата иднина и не сум поставувал притисок. Тоа не е мојот стил. Тој не знае зошто јас се вратив подоцна. Повторувам – тука го остварив сонот и сакам да останам цела кариера“, напиша Пасторе.
Je n’ai jamais parlé avec T Silva de mon problème ni de mon futur. Je n’ai jamais mis la… https://t.co/Hoy2m8DDvJ
— Javier Pastore (@Javi_Pastore) January 11, 2018
Според „Л’Екип“ ова е совршен пример за несогласувањата во тимот, кои се појавија и по (не)славната расправија меѓу Кавани и Нејмар за тоа кој ќе изведува пенал.
Сепак, весникот вели дека Силва и Бразилците се далеку поблиски до тренерот Унаи Емери. Од друга страна Аргентинците се незадоволни првично поради Анхел ди Марија, кој не добива многу шанси оваа година.