Top Sport

Лес Фердинанд: Спуштањето на колено во фудбалот стана само реклама

Поранешниот англиски напаѓач, а сега спортски директор на второлигашот Квинс Парк ренџерс, Лес Фердинанд вели дека клекнувањето во англискиот фудбал во поддршка на „Black Lives Matter“ стана само реклама и вистинската порака се загуби.

КПР и Ковентри сити во мечот од Чемпионшип во петокот решија да не застанат на едно колено, за што имаше многу критики. Фердинанд, кој беше фантастичен напаѓач за КПР, Њукасл и Тотенхем додека беше фудбалер, вели дека критиките не се на место.

„Ова не смее да е за КПР. Многу клубови решија да не клекнат во првото коло, но никој не се вознемири. Клекнувањето треба да биде моќен симбол, но ние сметаме дека гестот се разводни последните недели“, вели 53-годишниот Фердинанд.

Сите клубови Премиер лигата по рестартот на минатата сезона носеа дресови со „BLM“, но оваа сезона решија да се откажат од движењето поради неколку контроверзи, и го заменија слоганот со „Без простор за расизам“.

„Никој не е пострасен за оваа тема од мене. Зборував за расизмот цела кариера. Но, веќе не зборувам бидејќи разговорите одат во круг. Колку од тие кои не критикуваа сакаат вистинска промена? Коленото стана добра реклама и ништо повеќе. Пораката е загубена“, додава Фердинанд.

Scroll to Top