Лестер сити и Челси се во четврт-финалето на ФА купот по победите во првите петочни натпревари од најстарото фудбалско натпреварување на светот.
Лестер со 1:0 го совлада второлигашот Шефилд јунајтед, благодарение на голот на Џејми Варди, додека Челси со 4:0 „уништи“ уште еден член на Чемпионшип, Хал сити, за пласман понатаму.
„Сините“ работата ја завршија во првото полувреме, започнувајќи со голот на Вилијан уште во втората минута. Педро во 27. минута зголеми на 2:0, пред Вилијан да додаде уште еден гол по половина час игра. Последниот гол беше дело на Оливие Жиру, негов прв погодок во дресот на „Сините“ по доаѓањето од Арсенал.